
Клучна тема во текот на секоја грејна сезона, не само кај нас туку и пошироко, веќе со години, станува обезбедувањето енергенти, односно производството на електрична енергија. Затоа голем број експерти и надлежни државни институции постојано прават пресметки како да се реши оваа комплексна енергетска равенка, за да не дојдеме во незавидна ситуација што ќе се одрази врз благосостојбата и џебовите на граѓаните. Се следат мноштво различни области од кои зависи снабдувањето за да се осмисли план, како што се на пример и метеоролошките прогнози за зимскиот период, кои предвидуваат зима со врнежи на дожд и снег, што влијае врз производството на струја.
Ова прашање добива на итност во сегашните услови на сериозни нарушувања на европскиот пазар и растот на цените на природниот гас и електричната енергија. Дополнителна неизвесност создаваат војните во Украина и во Иран, па покрај ослушнувањето што се случува за време на мировните преговори во Абу Даби за решавање на украинско-рускиот конфликт, се следат и анализи за иранската криза и протокот на сообраќај низ Ормускиот Теснец. Засега прогнозите за исходот од двата воени конфликта не се оптимистички.
Истовремено се јавува уште една тема што би можела да влијае врз долгорочните стратегии поврзани со енергетскиот сектор. Станува збор за скандалот во кој е опфатен коосновачот и сега веќе поранешен извршен директор на технолошкиот гигант „Енвидија“, Џенсен Хуанг, по неговото признавање на вонбрачна љубовна афера, на која ѝ се припишува и наводна шпионажа, што освен неговиот личен углед ги разниша и берзите и технолошката индустрија, а резултира со негово поднесување оставка од сите функции и напуштање на компанијата што самиот ја изгради.
Хуанг своевремено ја препозна можноста графичките процесори, создадени првично за видеоигри, да се претворат во клучна технологија за научни пресметки и вештачка интелигенција, што ја претвори „Енвидија“ од производител на графички чипови во една од централните компании во глобалната технолошка индустрија. Таквиот деловен успех му донесе на Хуанг богатство што се проценува на 145 милијарди долари, додека неговите вработени ги претвори во милионери. Истражување спроведено во јуни минатата година меѓу околу три илјади вработени во „Енвидија“ покажало дека меѓу 76 и 78 отсто од испитаниците се милионери. А според достапните информации, речиси половина од нив поседуваат нето-богатство што надминува 25 милиони долари.
Последиците од скандалот се далекосежни бидејќи компаниите што располагаат со технологија без која не можат да функционираат современите економии, стануваат актери со политичка тежина што ги надминува границите на бизнис-сферата, додека светот влегува во фаза на геополитичко преструктурирање во која моќта сè повеќе се изразува со контрола врз технологијата, податоците и енергијата. Се смета дека случувањата во Енвидија“ би можеле да влијаат врз технолошката индустрија и понатамошниот напредок на вештачката интелигенција. А вештачката интелигенција, односно нејзиното напојување бара огромни количества струја. Колку повеќе расте компјутерската моќ, толку повеќе расте потребата за електроцентрали, преносни мрежи и системи за складирање енергија. Затоа електричната енергија е фактор без кој тековната технолошка револуција би била невозможна. Затоа новата геополитичка битка не се води само за тоа кој ќе ги произведува најмоќните чипови и кој ги контролира дата-центрите туку и за обезбедување енергенти, природни ресурси и сопствено производство на електрична енергија како гарант за националниот суверенитет.
Во услови на неповолни движења на меѓународните пазари, домашното производство повторно станува прва линија на одбрана од ценовните шокови. Владиниот модел за справување со претстојната зима, според најавите, се потпира врз зголемување на домашното производство, обезбедување дополнителни количества јаглен, максимално искористување на расположливите термоенергетски капацитети и навремено снабдување со енергенти. Целта е обезбедување на работењето на постојните термоенергетски капацитети РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ и планирано повторно вклучување на ТЕЦ „Неготино“, за дополнителна сигурност во периодите на зголемена потрошувачка. Обезбедувањето јаглен од Косово, транспортната логистика и навременото снабдување со мазут се дел од пошироката стратегија за намалување на зависноста од непредвидливите движења на европскиот енергетски пазар.
Затоа постојано потсетуваме на важноста на сопственото производство на струја. Тоа е предуслов за конкурентна економија, стабилно стопанство и економски суверенитет. За развој на индустријата и за економски раст мора да има и доволно количество сопствено произведена електрична енергија. За Македонија тоа значи дека поминувањето на зимата не треба да се гледа само како сезонско прашање туку како тест за способноста за долгорочно планирање на снабдувањето со електрична енергија.
The post Суверенитет изразен во киловати appeared first on Нова Македонија.






