
Воздушниот сообраќај во САД постепено се нормализира по најдолгиот прекин во последните 25 години, кој предизвика откажување на повеќе од 2.000 летови, додека стотици други беа одложени. Нарушувањето предизвика верижна реакција и во воздушниот сообраќај на други делови од светот, објавија американските медиуми.
Претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп изјавија дека новите технологии воведени во системот за контрола на воздушниот сообраќај ја преоптовариле застарената опрема. Тоа предизвикало прекини во комуникациските системи и празнини во радарската покриеност, поради што сите летови биле запрени во период подолг од четири часа.
Трамп истакна дека големото нарушување на комуникациските системи, кое го парализираше американскиот воздушен сообраќај, не било предизвикано од кибернапад.
Последиците од прекинот ќе се чувствуваат уште неколку дена, но надлежните уверуваат дека системот најверојатно ќе биде вратен во нормална функција навреме за да го издржи зголемениот број патувања за Денот на благодарноста, кој се одбележува на 26 ноември.
Федералната управа за воздухопловство на САД (ФАА) досега само двапати го затворила воздушниот простор на земјата – по терористичките напади на 11 септември 2001 година и во февруари 2023 година, кога дошло до дефект на системот за известување на пилотите.
The post Воздушниот сообраќај во САД постепено се нормализира по масовниот прекин на летови appeared first on Нова Македонија.






